
КОЈЗНАЕ ЗОШТО?
Архива 2025
За претставата
КОЈЗНАЕ ЗОШТО? https://www.youtube.com/watch?v=2FxEjfGPh2c&list=PLWcvsS-lHhhdaL2Nor7e0cSDDpqpquzg_&index=31КОЈЗНАЕ ЗОШТО? според “СОНОТ НА СМЕШНИОТ ЧОВЕК” на Ф.М. Достоевски Режија: Дамјан Читкушев Светло-мајстор: Горан Петровски Тон-мајстор: Александар Димовски Видео-оператор: Владимир Переловски ПРЕМИЕРА: 30.01.2025 Игра: Ане Блажовски "Којзнае зошто?" е претстава што го става под знак прашалник начинот на кој го гледаме светот, а со тоа и самите себе. Ова е приказна за човек што ја губи вербата, но и чин на освестување на надежта што тлее во нас, дури и кога таа изгледа недостапна. Тоа е еден обид да се покаже дека дури и во рамнодушноста, апсурдот и распадот, постои простор за создавање, за сон што го отвора погледот, ги умножува значењата и ја открива смислата. Сцената овде не е само простор за игра, туку лабораторија на перспективи. Прашањата што се отвораат не се сведени само на човекот во неговите мисли, соништа и дела, туку и на границите на она што сме способни да го видиме и да го замислиме. Креативноста во оваа претстава не е привилегија само на уметникот. Таа е начин на живеење — принцип што го носиме сите. Да бидеш креативен значи да гледаш подалеку, да ги поместуваш границите, да го прифатиш ризикот на непознатото, да бидеш и храбар и ранлив, дури и кога тоа бара, да бидеш глупав. Креативноста значи да создадеш можност таму каде што изгледа дека ја нема. Оваа претстава не нуди одговори; таа поставува прашања. Како го гледаме светот околу нас? Колку сме го ограничиле сопствениот поглед? И што ќе се случи ако си дозволиме да сонуваме? Во сонот на смешниот човек, светот останува ист, но е гледан низ нова визура. Тоа е суштината: не промена на светот, туку промена на начинот на кој го гледаме. Светот не е совршен, но токму неговата несовршеност е извор на бескраен потенцијал. "Којзнае зошто?" е повик да бидеме храбри - да препознаваме, да сонуваме, да создаваме.
Претстава од архивата
Оваа претстава е играна во 2025 година и повеќе не е на репертоар.
